• октомври 25, 2022
  • 18:00
  • Градско корзо

 

Изложбата на фотографии  „Спомени од минатото како колективна меморија за иднината“ е финансиран проект од Министерството за култура на РС Македонија, како проект од национален интерес во културата од областа на визуелните уметности, архитектура и дизајн за 2022 година. 

Оваа изложба ќе ни даде уникатна можност да патуваме назад во времето и да ја допреме историјата на едно минато, т.е. ретроспективна фотомонографија за постоењето на ЛУБ „Благој Јанков Мучето“ од Струмица. Освен визуелното задоволство, овие фотографии ќе ни го раскажат развојот на библиотеката, начинот на живот на луѓето во тие изминати години, преку стилот на облекување, фризурите, слики од архитектурата на градот – претставувајќи значајни историски документи за идните генерации.

Сите овие фотографии се од архивата на библиотеката и од домашните архиви на вработените кои досега не се објавувани. Целта на овој проект е да се раскаже тивко, без наратор, развојниот пат на создавањето, работењето и сите оние кои придонеле оваа институција да работи и да опстојува цели 76 години. Оставена е можност секој сам да си ја создаде својата приказна. Мисијата ни е излегување од нашата  комфорна зона да ги отвориме  вратите на библиотеката за сите надвор од нашиот омеѓен простор во кој дејствуваме и на еден нов начин  да се побуди љубопитноста за повторно пронаоѓање на библиотеката. Самата идеја е да ги вратиме луѓето во библиотеката за да можат повторно самите да ја откријат убавината на пишаниот збор и мирисот на книгата. Овие фотографии имаат огромно значење за колективната меморија  како непобитни сведоштва  за нас како институција и имаме должност да ги зачуваме за идните генерации.

Преку призмата на фотографијата се илустрирани фрагменти, мигови од промоции, отворање саеми на книги, дефилеа на ученици по повод „Месецот на книгата“, литературни читања, промоција на нови наслови на книги, подвижни библиотеки, вработени во самата институција кои не се веќе помеѓу нас, сведоштва за едно изминато време и многу други збиднувања. Со оваа изложба на дигитални фотографии многу од случајните минувачи гледајќи ги ќе се потсетат на своето детство, омилена книга, прва љубов, литературни манифестации, добиени награди и пофалници, згоди и незгоди во библиотеката, спомени кои се некаде скриени длабоко во нас, потиснати од секојдневните обврски и грижи, спомен за едно убаво дамнешно време кое веќе никогаш нема да се врати. Фотографиите ќе прикажат моменти кои ќе останат засекогаш сочувани во времето и кои не бледнеат како културно наследство на нашата институција.

Овие визуелни врамени мигови ни се потребни не само сега за да ја освежиме нашата колективна перцепција, туку треба да ни бидат патоказ и за во иднина.

 

Координатор и носител на проектот при ЛУБ „Благој Јанков Мучето“-Струмица

м-р Аница Глигорова-Милева, библиотекар-советник

Соработници: директор Тања Гошева, библиотекар-советник   Андон Цветанов